Англија со сигурни чекори маршира кон Еуро 2024 со втора победа и тоа против вториот најтежок ривал во нашата „група на смртта“. Откако во Неапол ја победија Италија со 2-1, денеска за три минути дадоа два гола за триумф и над Украина со 2-0.
Избраниците на селекторот Герет Саутгејт на стартот на овој евроквалификациски циклус ја покажаа силата и сега се прв фаворит во групата после само две кола и импресивни 180 минути. Победата ја обезбедија Хери Кејн со гол во 37-та минута на асистенција на Сака, кој три минути подоцна ја дуплираше предноста и ја обезбеди победата после додавање на Хендерсон.
„Гордиот Албион“ можеше и поубедливо да триумфира, но украинскиот голман Анатоли Трубин спаси чист гол на Галагер, четири минути пред крајот на натпреварот, а Хери Мегваер имаше шанса по корнер во 91-та минута, но шутираше со глава над голот.
Англија со победата против Укринците сега има шест бода во нашата група, Македонија има три од еден меч, а вечерва Италија гостува на Малта во второто коло во кое Македонија е слободна.
Украина и Англија се следните два противници на Македонија во јуни.