Репрезентацијата на Англија преку пенали успеа да ја елиминира Швајцарија и да стане претпоследниот полуфиналист на Европското првенство.

Англија и Швајцарија одиграа уште еден натпревар кој не донесе преголеми возбудувања освен во финишот од мечот.

Првото полувреме помина без посериозни прилики, а ниту една од двете селекции немаше удар во рамките од голот. Вториот дел донесе нешто подобра игра, но и тоа не беше нешто премногу возбудливо.

Швајцарците имаа иницијатива, па така успеаа и први да дојдат до водство. Емболо се најде на вистинското место во шеснаесетникот по асистенција на Ндоје и ја затресе мрежата за 1:0 во 75. минута.

https://twitter.com/i/status/1809641315031794135

По тој гол Англија веднаш тргна офанзивно по изедначување до кое и брзо дојде. Фудбалерот на Арсенал Букајо Сака само пет минути по голот на Емболо го изедначи резултатот по една соло акција со извонреден удар  откосо од 16 метри.

Почетокот на дополнителното време започна со одличен обид на Деклан Рајс, но првиот тест за Јан Зомер на голот беше повеќе од успешен. Англија малку ја презема иницијативата и се чинеше како да сака да го заврши мечот пред пенал-рулетот, но не успеваше. Пред крајот, Пикфорд ја спаси Англија по шут на Шаќири и следуваа пеналите.

Пенал-серијата ја отвори Кол Палмер со гол, а потоа Пикфорд му одбрани на Аканџи. Следниот пенал го погоди Белингем, Шер првпат стрелец е за Швајцарците, па следеа головите на Сака и Шаќири за 3-2. Во следната серија Тони даде за 4-2, Амдуни погоди за 4-3, а меч-топката ја искористи Трент Александер Арнолд.

 

https://twitter.com/i/status/1809657378054214005