Кошаркарите на Шпанија ќе играат финале за пласман на Олимписките игри, откако постигнаа рутинска победа над Финска од 81-74. Ривал на „фуријата“ во финалето во Валенсија ќе бидат Бахамите, селекција која претходно го совлада Либан (89-72).
Избраниците на Серџо Скариоло беа во водство во поголемиот дел од натпреварот, во третиот период двапати стигнаа до максимални девет поени, но пред крајот на натпреварот Финците целосно им ја искомплицираа ситуацијата. Александер Мадсен пред крајот со тројка го израмни резултатот (72-72) и ги изненади домашните, кои не очекуваа вакво сценарио.
Долго време немаше поени, нервозата навлезе во редовите на двата тима, бидејќи влогот беше голем. Во такви околности одлучуваше квалитетот и искуството на Шпанците. Следуваа решавачките шест поени на домаќините за голема победа од 81-74.
Прв стрелец кај Шпанците беше Хуанчо Хернангомес со 28 поени, а Санти Алдама и Лоренцо Браун постигнаа по 15. Кај Финците расположен беше Густавсон со 15, а го следеше Јантунен со 13 поени.