Лука Дончиќ продолжува со одличните игри и во победата на неговиот Далас од 111:106 на гостувањето кај Хјустон рокитс постигна 39 поени, а имаше и 12 скока и 8 асистенции. Словенечкиот кошаркар е прв стрелец во НБА со 34,3 поени по натпревар, а е во топ 5 по асистенции и бројот на украдени топки.
Ова беше седма победа на Далас и се искачи на четвртото место на табелата во Западната конференција со скор 22-16.
Најдобриот натпревар утринава го одиграа Голден стејт и Атланта, кој заврши со триумф на Воините со 143:141, и тоа по две продолженија.
Атланта речиси цел натпревар од регуларниот дел ја бркаше предноста на Голден стејт, која во еден момент изнесуваше и 21 поен, а потоа успеа да се врати во игра и да поведе, но триумф не дозволи Клеј Томпсон. Атланта по слободните фрлања на Тре Јанг поведе со три поени предност на девет секунди до крајот на мечот, но во последната секунда Клеј Томпсон погоди тројка и го однесе натпреварот во продолжението.
Томпсон и во првото продолжение погоди тројка на 18 секунди до крајот, но овој пат Јанг со две слободни фрлања го однесе мечот во второ продолжение, кое им припадна на Воините за конечен триумф.
Во отсуство на повредениот Стеф Кари, улогата на прв реализатор на Голден стејт ја презеде Томпсон со 54 постигнати поени, а Џордан Пул даде 28 поени. На спротивната страна, Тре Јанг даде 30 поени и имаше 14 асистенции.
Резултати: Шарлот – ЛА лејкерс 115:121, Кливленд – Чикаго 145:134, Индијана – Торонто 122:114, Филаделфија – Њу Орлеанс 120:111, Бруклин – Сан Антонио 139:103, Хјустон – Далас 106:111, Минесота – Денвер 124:111, Голден стејт – Атланта 143:141, Портланд – Детроит 135:106, ЛА клиперс – Мајами 100:110.