Шведскиот интернационалец Златан Ибрахимовиќ е еден од ретките фудбалери кој може да се пофали дека кариерата ја започнал во претходниот милениум и дека сега уште е активен, и тоа во врвниот фудбал. Легендарниот шведски напаѓач ја започна кариерата во 1999 година во тимот на Малме, а во 2001 година направи трансфер во Ајакс.
По четири сезони поминати во холандскиот гигант, тој направи трансфер во Јувентус. Две години помина кај Старата дама, а потоа направи трансфер во Интер. Три сезони беше дел од Нераѕурите, а потоа една сезона одигра во Барселона, па се пресели во Милан.
Популарниот Ибра потоа четири сезони одигра во ПСЖ и направи трансфер во Манчестер јунајтед. Во 2018 година реши да замине во САД и одигра две сезони во Лос Анџелес галакси. Кога се мислеше дека тука ќе заврши неговата врвна кариера, Ибра се врати во Италија и веќе три сезони е дел од Милан, со кого е и актуелен првак во Серија А.
Наскоро се очекува Ибрахимовиќ да го одигра и јубилејниот илјадити натпревар во прифесионалната кариера. Досега има одиграно 983 средби и со полни 41 година останува да се натпреварува и со двојно помладите од него.