Кошаркарите на Денвер Нагетс на домашен терен го победија тимот на Портланд Трејлблејзерс (120-108) во натпревар кој ќе се памети по уште една неверојатна партија на најдобриот светски кошаркар во моментов – Никола Јокиќ.
Српскиот центар мечот го заврши со 27 поени (1/1 за три, 10/15 за два, 4/4 слободни фрлања), неверојатни 22 скока и 12 асистенции, на кои додаде две блокади и една украдена топка. Популарниот Џокер со ова го израмни вториот најдобар скокачки учинок во НБА кариерата, откако претходно двапати имаше ист број скокови, додека неговиот личен максимум е 27 скока. Тој стана кошаркар со најмногу 20+, 20+, 10+ трипл-дабл учиноци во последните 50 години од НБА, додека ова му е 38-ми што го оствари само за три четвртини.
Денвер на овој меч имаше дури седум двоцифрени играчи. Арон Гордон беше поефикасен од останатите со 18 поени, а Кентавиус Колдвел-Поуп додаде 16. Пејтон Вотсон мечот го заврши со 14 поени, а Џамал Мареј, Мајкл Портер Јуниор и Реџи Џексон по 13 поени. Од другата страна, Портланд имаше двајца многу расположени играчи. Скот Хендерсон мечот го заврши со 30 поени, а Анферни Симонс постигна 29.
Денвер по овој натпревар има биланс 34-16 и го чека голема борба за првите позиции на Западот пред плеј-офот. Од друга страна, Портланд е претпоследен со скор 15-34 и без речиси никакви шанси за пласман во доигрувањето.
РЕЗУЛТАТИ: Детроит – ЛА Клиперс 125-136, Вашингтон – Мајами 102-110, Атланта – Феникс 129-120, Индијана – Сакраменто 122-133, Хјустон – Торонто 135-106, Мемфис – Голден стејт 101-121, Минесота – Орландо 106-108, Оклахома сити – Шарлот 126-106, Сан Антонио – Њу Орлеанс 113-114,, Денвер – Портланд 120-108.