Драмата во заливот, но и големата радост на Денвер. Монте Морис по додавањето на Јокиќ погоди со звукот на сирената преку Стеф Кари и настана голема радост за гостите. Пред тоа Кари ги даде последните поени (вкупно 25) веднаш по фаулот на Морис и се чинеше дека го реши натпреварот. Но, на крајот, победата сепак патува во Колорадо.
Никола Јокиќ беше повторно фантастичен. Србинот постигна 35 поени, имаше 17 скока, додаде 8 асистенции, со одличен процент на удари. Едноставно, човек-тим, на негов грб Денвер победи на пет од последните шест натпревари. Кога се чинеше дека Вориорс ќе го скршат нивниот отпор во финишот, тој го задржа својот тим во игра со неколку последователни поени.
Нагетс со победата малку се поместија нагоре , на шестото место, последно кое води директно во плеј-офот, имаат две победи повеќе од Минесота.
Јокиќ сега оди во Кливленд на Ол-стар натпревар, по што следува пауза, сезоната продолжува следниот четврток кога ќе се вратат во Северна Калифорнија, ќе играат против Кингс во Сакраменто, а потоа ќе го пречекаат истиот ривал во Денвер за викендот.