Еден од најдобрите тимови на Истокот оваа сезона, Бруклин Нетс вечерва на домашен терен оствари победа над Сан Антонио Спарс, но епилогот за малку ќе беше поинаков.
Нетси славеа со резултат 121:119, по продолжение, бидејќи резултатот во регуларниот тек на натпреварот беше 113:113.
Она што е особено интересно е што Бруклин водеше со 113:103 на крајот од мечот, но потоа му дозволи на ривалот да направи серија од 10:0 и да го воведе натпреварот во дополнителни пет минути.
Во продолжението Спарс постојано му „дишеа зад врат“ на домаќинот, успеаја да израмнат на 119:119, надоместувајќи го минусот од четири поени разлика, но на секунда пред крајот Томас ги постигна решавачките поени за Бруклин и ги постави конечните 121:119.
Кевин Дурент беше најефикасен во победничкиот тим со 28 поени, но Харден имаше ’дабл-дабл’ учинок од 26 поени и 12 асистенции, исто како и Клакстон со 16 поени и 14 скока. Кај гостите најдобар беше Вокер со 25 поени, а Мареј постигна 19, со 12 асистенции.
Бруклин е втор на табелата во Источната конференција со скор 25-13, а Спарс се единаесетти на Западот со 15 победи и 24 порази.