Феникс санс по двата порази во низа, ноќеска во третиот меч дојде до првиот триумф во пресметките со Денвер нагетс (121-114) од полуфиналето од плејофот на Западот, за што најзаслужни беа Девин Букер и Кевин Дурент кои постигнаа две третини од поените на својата екипа.
„Нагетси“ одново беа предводени од феноменалниот Никола Јокиќ, зад кого беше уште една историска ноќ со 30 поени и по 17 скока и асистенции, со што стана првиот кошаркар во историјата на НБА кој во доигрувањето на еден меч имал најмалку 25 поени и по 15 скока и асистенции.
Тоа, сепак, не беше доволно за трет триумф по ред, за што виновници беа Букер со 47 поени со неверојатна 80-отстотна прецизност во ударите од поле (20/25) и Дурент со 39 поени, девет скока и осум асистенции.
Бостон селтикс, пак, вторпат по ред ја совлада Филаделфија севентисиксерс (114-102), овој пат на гостински терен со што го врати „брејкот“ и поведе со 2-1 во полуфиналето на Истокот. Тејтум со 27 поени и Браун со 23 поени беа лидери, на другата страна Ембид, кој го доби признанието за најдобар во регуларната сезона во НБА, имаше 30 поени со 13 скока.