Шалке 04 оствари неверојатно значаен триумф на гости против Мајнц (2-3), со пенал досуден во 101.минута од дуелот, кој го реализира Мариус Бултер. По сигнализација од ВАР собата, беше досудена најстрога казна за составот од Гелзенкирхен, кој грчевито се бори за опстанок во Бундес-лигата.
Гостите двапати имаа водство, со головите на Бултер и на Краус, но Мајнц успеваше да израмни преку Бареиро и Мартин. На крајот Мариус Бултер постигна победнички гол од белата точка.
Келн успеа да триумфира над Баер Леверкузен на гости со 1-2, а играч на натпреварот беше Деви Селке кој ги постигна двата гола. Тој погоди во 14. и во 36.минута, а во меѓувреме Баер Леверкузен израмни на 1-1, со голот на Амин Адли.