Македонскиот фудбалски бисер Елиф Елмас после 13 години стана втор Македонец кој освоил „скудето“, после Горан Пандев во 2010 година со Интер, откако со шест гола и три асистенции сезонава даде огромен придонес во првата шампионска титула на Наполи по 33 години пауза.
Иако Елмас не е стандарден првотимец, тој одигра 42 натпревари од вкупно 43 во сите натпреварувања. Италијанските медиуми сепак го потенцираат како еден од клучните играчи кој во многу важни моменти бил тој што бил најважен за победите и сигурниот чекор на наполитанците во импресивно освоената титула во Серија А.
„Македонецот е џокер пар екселанс на Спалети, зашто го гледавме како фудбалер за врска, како офанзивен фудбалер за врска, како крило, еднаш и центарфор… И секојпат тој успеваше да ги надмине очекувањата, посебно во делот на постојаност и во настапите. Неговата последна асистенција за голот на Распадори против Јувентус ја покажа сета негова разновидност и неговата вистинска вредност.
Елмас заслужи постојано да игра, а летово ќе биде важно пред него, зашто сѐ повеќе ја добива важноста на шаховската табла на Наполи, но јасно е дека не може постојано да биде алтернатива. Природно е да го заземе местото на Пјотр Зиелински, како наследник зашто не ја знаеме иднината на Полјакот, но веќе постојат најави дека пола Европа и најголемите во Серија А ќе сакаат да го земат Елмас. Елиф отсекогаш велел дека сака да игра за Наполи, за тимот на лидерите Спалети и Ди Лоренцо“, пишува Марко Контеиро за „Туто Меркато Веб“
Ланското лето Милан беше многу загреан за да го купи Елмас, трансферот дојде до официјална понуда, но „росонерите“ потоа го избраа Белгиецот Шарл Де Кетеларе кој не се снајде премногу во својата деби сезона. Зимоска се појавија шпекулации дека Јирген Клоп лично разговарал со Елмас за да го донесе на „Енфилд роуд“, па нема да биде изненадување ако летово повторно се појават информации за џиновски трансфер во некој великан.
Елмас веќе четири години е во Наполи откако за 16 милиони евра дојде од Фенербахче.