Репрезентацијата на Англија се најде во групата Б на Светското првенство со Иран, САД и победникот од преостанатите натпревари од европските дополнителни квалификации во кои Велс ќе игра против победникот од мечот Шкотска – Украина. Англичаните кои беа во првиот шешир ги избегнаа најсилните тимови што можеа да ги извлечат од вториот или третиот шешир, но англискиот селектор Герет Саутгејт ја смири еуфоријата.
„Сите натпревари се многу незгодни и има голема опасност. Нема да ни биде лесно бидејќи одиме во Катар ден по паузата во домашното првенство и нема да имаме многу време за подготовка, а ќе го одиграме првиот натпревар по седум дена, така што навистина е тешко да се предвиди нешто“, изјави Саутгејт.
Сепак, не им требаше долго време на англиските медиуми да ја прогласат ждрепката за прелесна и во тој тон да ги објават насловните страници на денешните изданија. Така Дејли Мејл ждрепката ја прогласи за сон, а во текстот во весникот стави наслов „Бесплатен премин во осминафиналето“.