Со поразот од Пеликанс 111:114 Лејкерси се на чекор од најголемиот дебакл во историјата. Тимот кој пред само две години беше шампион во НБА, одигра најмногу финалиња и го дели рекордот по бројот на освоени титули со Селтикси, е на чекор од пропуштање не само плеј-оф, туку и плеј-ин.
Лејкерси загубија по 15-ти пат во последните 19 натпревари, а сега имаат пет натпревари до крајот на сезоната, но четири од нив се против тимовите кои обезбедија плеј-оф. Лејкерси имаат скор 31-46 и заостануваат на едно место зад десеттопласираниот Сан Антонио со сооднос 32-45.
На Лејкерси не им помогна тоа што по месец и пол и 18 пропуштени натпревари поради повреда, Ентони Дејвис се врати и своето враќање го одбележа со 23 поени, 12 скока и шест асистенции. Леброн Џејмс, кој пропушти три од последните четири натпревари поради отечен скочен зглоб, играше и покрај болките.
Тој постигна 38 поени, што е негов петти последователен натпревар со најмалку 35 поени. Сепак, во последната четвртина постигна само два поени, а промаши тројка за израмнување со сирената.