Еден од најголемите виртуози со топката на сите времиња, легендарниот Роналдињо една недела по големата сензација во Палермо кога Македонија ја победи Италија се реши да даде свое видување на ситуацијата која настана по таа средба.
Италија остана без настап на Мундијалот токму поради Македонија, а Роналдињо посочи дека тоа било големо разочарување за него.
Репрезентативниот фудбал во Италија влезе во криза, а дека тоа е така потврди и фудбалерот кој своевремено играше на Апенинскиот полуостров за тимот на Милан.
– Тоа што Италија остана без Светското првенство? Беше сензационално изненадување. Без Италија, Светското првенство губи многу.
– За оние кои го сакаат фудбалот како мене, и за шоуто на Мундијалот, вистинска штета е што ќе ги нема „аѕурите“. Жалам за тоа, никогаш не ни замислував дека ќе видам уште едно Светско првенство без Италија, -јасен беше Роналдињо.