Челси надмина една милијарда евра во инвестиции во играчи, но лондонските „сини“ и по второто коло во Премиерлигата не може да победат, откако денеска загубија од Вест Хем со 1-3, иако имаа и фудбалер повеќе.
Бадијала потрошени многу пари, двапати урнат британскиот трансфер рекорд, кога Челси не личи на ништо на теренот, а прескапите засилувања не можат да погодат центаршут, ниту да направат акција за гол и кога имаат фудбалер повеќе на теренот и се борат барем да избегнат пораз.
Најеф Агерд по 67 минути игра беше исклучен, 14 минути откако Антонио го врати Вест Хем во водство, а сѐ потоа беше измачување. „Сините“ немаа идеја како да дадат гол, Вест Хем умешно се бранеше и на крај Лукас Пакета во 95-та минута ја завери победата од пенал откако најскапиот фудбалер Моис Каиседо направи прекршок за најстрога казна.
Претходно, Агерд го донесе Вест Хем во водство, младиот Чуквумека израмни во првите пола час од дуелот, па Енцо Фернандес две минути пред крајот промаши пенал за водство и сѐ некако тргна наопаку за најскапиот тим на светот.
Челси по две кола има само бод, тој со Ливерпул пред една недела на отворањето на сезоната, а Вест Хем дојде до четири по оваа победа.