Македонската фудбалска репрезентација на почетокот на идниот месец ќе тргне во третата сезона во Лигата на нации, преку која како „резервен план“ повторно може да го има баражот за пласман во раце ако заврши како првопласирана во групата со Бугарија, Грузија и Гибралтар.

Европската фудбалска унија (УЕФА) го објави патот кон Еуро 2024 во Германија, па преку евроквалификациите 20 селекции ќе обезбедат директен пласман, односно првите две селекции од десет групи, додека последните три патници ќе бидат познати преку Лигата на нации и тоа со бараж-фајнлфорот во дивизиите А, Б и Ц.

За разлика од првата сезона, кога Македонија го искористи моментот преку најслабата Д-дивизија да дојде до историски прв настап на големо натпреварување, овојпат за најслабата дивизија нема место, што е и очекувано, зашто само седум најслаби земји играат во овој сегмент од Лигата на нации.

Но, сѐ друго е исто како и во првото издание. Победниците во групите во Лига на нации од А, Б и Ц-дивизијата обезбедуваат пласман во завршниот бараж, кој ќе се игра по ист принцип како претходниот за Еуро 2020, со полуфинале и финале, а победникот ќе добие една од визите за континенталниот собир.

Ако некој од првопласираните обезбеди директен пласман на Европското првенство преку квалификациите, следниот најдобар во дивизијата ќе добие шанса преку баражот да се бори за пласман. Во случај во една од дивизиите, а тоа би можело да е А-дивизијата, нема доволен број на селекции за фајнлфор-баражот, пополнувањето ќе оди според генералната листа на успешност во оваа трета сезона во Лига на нации.

Квалификацискиот систем, пак, останува ист. Десет групи, пет со по пет селекции и пет со по шест селекции во идната 2023 година ќе се борат за првите две места кои водат на турнириот. Четирите победници во групите од А-дивизијата кои ќе играат завршен турнир за пехарот ќе бидат сместени во групи со по пет селекции.

Ждрепката ќе биде во октомври, а барабаните ќе се формираат врз база на настапите на селекциите во актуелната сезона во Лигата на нации.

Квалификациите стартуваат во март догодина, а ќе завршат во ноември, додека баражите за последните три места ќе се играат на 21 и 26 март 2024 година.

ТЕРМИНИ ЗА КВАЛИФИКАЦИИ

23 до 28 март 2023 – 1 и 2 коло

16 до 20 јуни 2023 – 3 и 4 коло

7 до 12 септември 2023 – 5 и 6 коло

12 до 17 октомври 2023 – 7 и 8 коло

16 до 21 ноември 2023 – 9 и 10 коло

ТЕРМИНИ ЗА БАРАЖИ ЗА ЕУРО 2024

21 март – полуфинале

26 март – финал