„Ѓаволите“ немаат освоено трофеј во последните пет години, во кои се забележува огромна разлика помеѓу нив и Ливерпул, Манчестер сити и Челси. Де Хеа е во клубот од 2011 и има играно под сер Алекс Фергусон две сезони и вели дека не сфаќа што точно се случило по неговото заминување во пензија.
„Мислам дека некој како да нѐ проколнал или нешто слично. Вистината е дека не знам што се случува. Луѓето секогаш ме прашуваат, а разговараме и меѓу играчите и едноставно велиме: ‘Не знам што се случува’. Требаше да се бориме за трофеи, за големи титули, но едноставно не функционираме“, изјави Де Хеа во интервју за шпанскиот „Ел паис“.
Нивото на клубот требаше да биде кренато со пристигнувањето на Кристијано Роналдо и Де шпанскиот голман вели дека неговото присуство е важно.
„Само кога ќе го видите да влегува во соблекувалната, ви дава желба да покажете дека сте на негово ниво. Мислам дека е посмирен од порано, но е вистинска машина. Тоа е добро да видат момците бидејќи покажува како треба да се грижите за себе за да останете на високо ниво“, дополнува Де Хеа.