Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација и член на Реал Мадрид , Лука Модриќ утре ќе добие уште едно големо признание .
Станува збор за наградата „Marca Leyenda“ што ја доделува престижниот шпански спортски весник Марка како признание за заслуги и допринос на најдобрите спортисти во светот.
Церемонијата започнува во среда во 17.30 часот во Казино де Мадрид, а најавени се голем број новинари и угледни луѓе од светот на фудбалот и спортот воопшто.
„Марка со оваа награда ќе и оддаде почит на блескавата кариера на Лука Модриќ во една од најуспешните фази во историјата на клубот во која тој го престигна големиот Алфредо ди Стефано“, пишува Марка и додава дека освојувачот на Златната топка во 2018 година има шанса да ја освои петтата титула во Лигата на шампионите во Париз на 28 мај.
Од нејзиното основање во 1997 година, повеќе од 40 спортисти ја добија оваа престижна награда, а првиот добитник беше кошаркарот Мајкл Џордан во 1997 година.
Други добитници на наградата се Кристијано Роналдо, Пау Гасол, Роналдо Назарио де Лима, Висенте Дел Боске, Фернандо Алонсо, Мухамед Али, Усаин Болт, Лионел Меси, Рафаел Надал, Луис Арагонес, Пако Генто, Алфредо Ди Стефано, Анхел Нието, Јохан С. Балифос, Ники Лауда, Карлос Саинц и Пеле.