Македонската репрезентација веќе е во Исланд, и го одработи првиот тренинг во пресрет на натпреварот со Исланд во петтото коло од квалификациите за Светското првенство во Катар во 2022 година.
Енис Барди со изјава за медиумите најави дека тимот ќе оди на победа, но треба да биде внимателен, бидејќи противникот е квалитетен.
„Мислам дека треба да се концентрираме на нас. Она што ќе се договориме пред меч да го покажеме на терен. Исланд е силен, како што кажа селекторот, но многу работи ќе зависат од нас. Мора да бидеме фокусирани, да имаме желба, што не се сомневам дека ќе биде така. Треба да ја играме нашата игра и да одиме на победа.
Тоа што го направивме во минатото е историја. Фудбалот е таков спорт кој бара докажување секој нов натпревар. Очекувањата се добри резултати. Не гледам дека имаме притисок. Многу сме гладни за уште поголеми успеси. Имаме многу што да дадеме. Оваа генерација има уште што да покаже. Најважно е да одиме од натпревар во натпревар. Самодовербата е тука“, смета Барди.
Натпреварот се игра в недела со почеток од 18:00 часот. Македонија е благ фаворит за освојување на трите бода на оваа средба.