Вториот круг од групната фаза на Светското првенство во Катар заврши, три од вкупно 16 селекции се пласираа веќе во осминафиналето (Франција, Бразил и Португалија). Во секоја група ќе се решава кој ќе оди во елиминациска фаза, и од која позиција ќе влезе во костурот за патот кон финалето на 18 декември.
Денот стартува разврската во групата А, во која Холандија игра против испаднатиот домаќин Катар, а Сенегал и Еквадор во директна битка ќе се борат за пласман понатаму.
Пред двете пресметки од 16 часот, Холандија е прва со 4 бода (гол-разлика 3-1), следи Еквадор со 4 бода (3-1), Сенегал 3 (3-3) и Катар 0 (1-5).
– Холандија ќе оди понатаму со било каква победа или реми против Катар. За прво место ќе им треба било каква победа ако Сенегал и Еквадор ремизираат. Со победа на Еквадор, Холандија ќе треба да победи со гол повеќе од Јуќноамериканците, а за прво место при победа на Сенегал ќе им треба било кој триумф на „лалињата“
– Еквадор за пласман во осминафинале му треба реми или победа против Сенегал
– На Сенегал му треба победа против Еквадор за пласман во осминафинале
– Во случај на реми на Еквадор и Сенегал, Холандија може да испадне само под услов да загуби со два или повеќе разлика од Катар
Од 20 часот закажана е разврската во групата Б, во која Англија во островската пресметка со Велс бара заверка на осминафиналето, а САД и Иран во дерби ќе решаваат за патникот понатаму. Англија влегува во последното коло со 4 бода како лидер (гол разлика 6-2), пред Иран со 3 (4-6), САД има 2 бода (1-1), а Велс 1 (1-3)
– Англија ќе се пласира во осминафинале со било кој резултат освен ако не загуби од Велс со четири или повеќе разлика. За прво место им треба победа или реми, ако САД-Иран исто така ремизираат.
– САД ќе оди во осминафинале само ако го победи Иран
– Иран ќе оди во осминафинале со победа или реми, ама за второто под услов Велс да не ја победи макар минимално Англија
– Велс во теорија има шанси за осминафинале, но им треба „светско чудо“. И тоа прво малку повозможната варијанта – да ја победат Англија, а САД и Иран да ремизираат. Втората скоро невозможна за да не зависат од другиот меч е да ја победат Англија со четири или повеќе разлика.
За потсетување на Светското првенство не важи правилото кое секаде се користи, а тоа е меѓусебен дуел, туку при ист број на бодови се гледа вкупната гол-разлика, или ако таа е иста, кој дал повеќе голови.