Новиот селектор Благоја Милевски го имаше дебито со сениорската репрезентација на Македонија и одигра реми без голови на домашен терен против Ерменија.
Следен предизвик за него и фудбалерите е Исланд . Македонскиот предводник смета дека дуелот во Исланд ќе биде тежок и неизвесен.
„Натпреварот со Ерменија го оставаме зад себе. Жалиме за двата испуштени бода. Момците направија сè за победа. Но, недостасуваше завршното додавање. Нè очекува тежок и неизвесен натпревар. Исланд е квалитетна екипа. Според она што го видов на дуелот со Романија не заслужи пораз. Ние сме свесни, направивме добра анализа. Треба да бидеме на нашето најдобро ниво ако сакаме позитивен резултат. Исланѓаните сакаат да играат фудбал, да го имаат поседот во свои нозе. Тоа е различно од она што сме го гледале во минатото. Нивниот селектор е со друга филозофија. Практикува да ја има топката во своите нозе. Меѓутоа тоа ќе зависи од нас и од нашиот пристап. Детали и индивидуални потези ќе го одлучат натпревар.
Споменав дека се наоѓаме во фаза на трансформација, што се однесува на тимот. Имаме играчи со помал стаж во сениорската репрезентација. Тие заслужија да добијат повик. Не чувствувам посебен притисок од јавноста. Се работи за големи професионалци и на секој натпревар играат за победа. Меѓутоа некогаш се прашува и противникот. Сето тоа е дел од фудбалската игра“, изјави Милевски.