Најдобриот светски фудбалер Лионел Меси продолжува со блескави игри во дресот на Интер Мајами, овој пат во натпревар од МЛС-лигата, беше резерва, но без разлика што одигра само половина час повторно беше меѓу најзаслужните за триумфот на гости кај Њујорк Ред булс (2-0).
По серијата напорни средби во двата американски купа, Аргентинецот заедно со Бускетс ноќешната средба ја почнаа од клупата, но и без него составот од Флорида дојде до водство со голот на Гомез. Меси влезе во игра во 60. минута и набрзо потоа постигна нов фантастичен погодок, по одлична комбинација со неколкумина соиграчи со што ја надмудри противничката одбрана.
Ова беше прв гол за аргентинскиот магионичар во МЛС-лигата, каде што Интер Мајами е убедливо последен, но сите со нетрпение ја чекаат следната сезона во која овој тим дефинитивно ќе влезе како еден од фаворитите за победничкиот трофеј.