Кошаркарите на Сан Антонио спарс ја остварија првата победа во НБА-претсезоната, откако на домашен терен го совладаа Мајами хит (120-104), во натпревар во кој блескаше првиот пик на годинешниот драфт, французинот Виктор Вембањама.

Францускиот Тим Данкан, како што го нарекуваат спортските медиуми во САД, средбата ја заврши со 23 поени за исто толку минути поминати на теренот, а шутираше 9/10 за двојки, 1/5 за тројки и 2/2 од слободни фрлања. Тој додаде и по четири скока и асистенции, а имаше и три блокади. За да не биде се идеално се четирите загубени топки, но и покрај тоа е јасно дека ќе биде носител на играта и еден од најголемите адути на „спарси“.

 

Во дуелот против „жешките“ од Мајами имаше голема помош од Девин Васел, кој постигна 21 поен со неверојатни 6/7 за тројки, а двоцифрен учинок имаше и Доминик Барлоу со 11 поени. Кај гостите извонредно одигра Џамал Кејн, кој имаше дабл-дабл учинок со 24 поени и 10 скока.