Македонската фудбалска репрезентација доживеа и втор пораз од Украина, загубивме со 2-0 во Прага и ги загубивме шансите за пласман на ЕП. Можевме подобро и треба да жалиме за овој загубен дуел затоа што пропуштивме неколку убави шанси за гол.

Украина шанса имаше преку Довбик, но Димитриевски одлично одбрани. Македонскиот голман имаше уште една одлична интервенција, овојпат по ударот на Мудрик.

Македонија се обидуваше преку контри да го загрози голот на Украина. Првпат поконкретно се заканивме преку Миовски во 22. минута, нашиот напаѓач биеше од тешка позиција, голманот Трубин одбрани.

Украина дојде во водство во 30. минута кога направивме грешка во одбраната, топката дојде до Судаков кој биеше од далечина, го погоди Серафимов, го промени правецот и заврши зад грбот на Димитриевски.

 

 

Примениот гол ја разбуди Македонија, следуваа серија шанси на нашите фудбалери. Ашковски и Миовски се обидоа од идеални позиции, но Трубин беше фантастичен на голот на Украинците. Во таа канонада на македонските репрезентативци, Барди имаше имаше два обиди кои беа блокирани. Шанса имаше и Елмас, неговиот удар заврши крај голот.

Милевски ги извади Ашковски и Манев, ги внесе Димоски и Чурлинов и Македонија тргна да го изедначи резултатот.

По седум минути игра во вториот дел Чурлинов влезе во одлична шанса, се избори за убава позиција, шутираше но Трубин одбрани уште еднаш. Се обиде и Муслиу со ножички, неговиот удар заврши над голот.

Казната за пропуштените шанси можеше да стигне од Мудрик, беше сам пред Димитриевски, но македонскиот голман го доби овој дуел и запиша уште една одбрана. По изведениот корнер, Украинците ја погодија пречката преку Матвиенко.

Македонија продолжи да напаѓа, Украина се бранеше со сите фудбалери. Тешко ја пробивавме нивната одбрана, па се обидувавме со шутеви од далечина. Барди и Адеми имаа обиди кои завршија неуспешно.

На десет минути пред крајот Судаков можеше да постигна уште еден гол, биеше силно од далеку, Димитриевски со фантастична интервенција спречи гол за Украинците, топката потоа ја погоди пречката.

Украина во последните моменти даде уште еден гол, Караваев го изненади истрчаниот Димитриевски и погоди за победа од 2-0. Со овој пораз Македонија ги губи шансите за пласман на ЕП.

За Македонија следува пријателскиот меч против Ерменија на 17. октомври, а во ноември ги завршуваме квалификациите со натпревари против Италија и Англија.