Ваквиот развој беше очекуван, имајќи предвид на вложувањата на битолскиот клуб и професионалните стремежи, кои останаа невозвратени со пехар веќе втора сезона едноподруго. Пелистер го освои единствено Супер купот, минатиот август, под водство на Бабиќ, но Вардар втора сезона по ред освојува двојна круна, па од клубот велат дека ја искористиле можноста за предвремен прекин на соработката.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека спогодбено со тренерот Жељко Бабиќ ја искористи опцијата во договорот за прекин на соработката на крајот на сезоната. По две и пол сезони нашиот клуб ќе добие нов тренер за сезоната 2022/23. Најискрено му се заблагодаруваме на Жељко Бабиќ за развојот на клубот во претходниот период од 2020 година до денес. Без негова помош нашиот проект немаше да се развива по предвидениот колосек. Исто така изразуваме благодарност за остварените цели во европските натпреварувања и освоениот Суперкуп на Македонија 2022. Клубот му посакува многу успех во понатамошната работа и вратите на нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за професионалци како него“, се вели во клупското соопштение.
Жељко Бабиќ дојде во јануари 2020 година, а една година потоа го продолжи договорот до јуни 2024. Во неговото работење во Битола клубот учествуваше двапати во Европската лига и двапати стигна до осминафиналето. На домашната сцена, успеа двапати да слави над Вардар во Суперлигата, но и во двата случаја гол-разликата не беше доволно голема за превласт, споредена со поразот во возвратниот меч таа сезона.