Првите 20 минути Македонија беше рамноправен противник, изедначи на 9-9 во 19. минута.Тоа беа минути кога Никола Митревски имаше три одбрани, а зоната 5-1 успеа да се одбрани од силните налети на скандинавците.
Следуваше офанзива на Норвешка со три брзи гола, загубивме неколку топки во напад, доста грешки во додавањата кон пивот, слаба реализација во нападот, па на полувреме беше 18-11 за Норвешка.
Во вториот дел се играше за што подостоинствен пораз. Откако влеговме во негатива од -10 (16-26) во 45. мин. Лазаров почна со напад „7 на 6“, нападот доби повисока ефикасност и стигнавме и до шест разлика. До крајот водството на Норвешка повторно беше двоцифрено.
Голем хендикеп беше и повредата на Јагуриноски, кој го повреди коленото во финишот на првото полувреме, беше заменет од Серафимов.
Најдобар стрелец во македонската репрезентација е Талески со седум голови, Манасков постигна пет, Кузмановски и Петров по четири. Кај Норвежаните најефикасен беше Сагосен со шест голови.