Еурофарм Пелистер е подготвен за шампионско прослава откако го победи Вардар со 26:23 во дербито на 12. коло од Суперлигата. Со оваа победа Пелистер сега е лидер на табелата со 36 бодови, пред Вардар кој остана на 33 бодови.
До крајот на првенството остануваат уште две кола, во кои секако дека Еурофарм Пелистер ќе биде фаворит да победи, а со тоа и да стигне до толку посакуваната титула. Последен пат Пелистер беше првак на Македонија пред 18 години.
Дуелот во „Боро Чурлевски“ салата почна со одлична атмосфера на домашните навивачи и тоа како да беше најава за тоа што следуваше.
Натпреварот почна израмнето, па беше 3:3, а потоа Пелистер заигра многу подобро и во 15 минута стигнаа до предност од четири гола (9:5). Домаќините ја контролираа играта и резултатот, па во 25 минута стигнаа и до највисокото водство од пет гола (13:8). Сепак, во последните пет минути од првиот дел, битолчани застанаа. Вардар со низа од 4:0 стигна на 13:12, а на почетокот од вториот дел, гостите успеаа и да израмнат.
Беше 17:17, кога повторно Пелистер влезе во добра серија и стигнаа до 21:17 во 43 минута. Во 50 минута Вардар намали на 21:19, но тоа беше само сламка надеж за гостите, затоа што во решавачките 10 минути, Пелистер одигра фантастично. Во 57 минута, битолчани стигнаа до 26:21 и јасно беше кој ќе победи.
Пошироката клупа на Пелистер беше силен фактор, бидејќи постојано имаше некој нов кој се јавуваш како џокер. Ако во првото полувреме стрелаа Хенеберг и Хосни, во вториот дел Суси беше сигурен и од игра и од пенал, а Костески брилираше во контра.
Репрезентативното десно крило заврши со шест гола, колку што имаше и Хосни, на пет застана Хенеберг, а сите четири на Суси дојдоа во вториот дел. Кај Вардар, Талески предводеше со шест, Георгиевски и Манасков имаа по пет. Пелистер сега има 36 бода, Вардар 33, па преостанува само во дуелите на гости кај Охрид и дома со Тиквеш, битолчани да ја сочуваат разликата и да го кренат првиот шампионски пехар по 2005 година. Вардар, од друга страна, треба да стравува и за второто место, кое може да го загуби од Алкалоид, ако си дозволи пораз во последното коло, на домашен терен.
.