И на седмиот натпревар едноподруго во Лигата на шампионите, Вардар запиша пораз, овој пат на гостувањето кај ППД Загреб. Иако и двата тима имаа водство и се менуваа во контролата на мечот, хрватскиот првак беше поумешен во финишот и славеше со 23-22.
Промашените зицер ситуации пред голот на Загреб се чини дека скапо го чинеа Вардар. Нејасно е исто така како браќата Њокас шутираа од неизградени позиции, промашувањата на Дибиров, и брзоплетоста во завршните додавања.
Во моментот кога се кршеше натпреварот на 4 минити до крајот, Вардар водеше со 2 гола разлика а судиите досудија трето исклучување за Жереми Тото и го испратија на трибините. Тогаш Загреб направи пресврт и поведе.
До крајот Вујовиќ иако го држеше картонот за тајм аут не успеа да го побара за да ги смири црвено црните.
Вардар имаше шанса во последниот напад да стигне до бод но 13те секунди кои беа на располагање на Вардар не беа доволни за гол, т.е. се случи уште една техничка грешка и тоа значеше славје на Загрепчани.
Најефикасни беа Жереми Тото и Тимур Дибиров со по четири гола, а голманите си поделија седум интервенции, Борко Ристовски четири одбрани во второто, Мартин Томовски три во првото полувреме.