Македонскиот тренер и ракометар кажа дека веќе знаат кои се добри работи во играта, а кои треба да се корегираат пред почетокот на Европското првенство (ЕП).
„Направивме целосна анализа од четирите натпревари кои ги одигравме во квалификациите. Знаеме кои се добри работи, но и кои се лоши кои треба да ги поправиме. Имаме јасна идеја како треба да одиме напред и што да работиме за да го дочекаме подготвени Европското првенство“, вели Лазаров.
Лазаров кажа дека барал силен противник во рамки на ЕХФ-неделата, па задоволен е што ќе играме против Египет, иако и Шпанија била во конкуренција.
„Инсистирав за време на подготовките да имаме посилен противник од европски и светски рамки. Прва опција ни беше Шпанија, но жал ми е зошто не успеавме да се договориме. Требаше да патуваме со три летови и автобус, но сметам дека и Египет како противник воопшто не е лоша опција“, смета селекторот.
Стратегот вели дека до крајот на декември ќе има јасна слика за тоа што треба да се поправи пред почетокот на првенството.
„Се надевам дека до крајот на декември ќе имаме јасна слика за тоа што треба да надоградиме бидејќи нѐ очекуваат силни противници и сериозен предизвик“, додава тој.