Ракометарките на Азербејџан направија огромно изненадување против Литванија (35-33) во квалификациската група за Европското првенство (ЕП), во која се наоѓаат уште и Македонија и Шпанија.
Средбата во Баку понуди израмнето надигрување, Литванија имаше предност од три гола во првиот дел во повеќе наврати. На паузата резултатот беше нерешен 18-18, а потоа во игра гол за гол на крајот домаќинот стигна до голема победа.
Азербејџанките водени од Камила Бајрамова која даде 13 гола дојдоа до многу важна победа. Иако и Литванија е аутсајдер, пред стартот на циклусот на Азербејџан практично и не му се даваше шанса за било каков успех.
Сега, во групата Азербејџан е на третото место со два бода, па математички има шанса да се бори за место на завршниот турнир. Македонија и Шпанија имаат по четири бодови.
Македонија в четврток ја чека Шпанија во СЦ „Борис Трајковски“, во дуелот на двете репрезентации без пораз.