Македонската репрезентација за ракометари до 20 години со сигурна победа го почна настапот во втората фаза по групи за пласман од 9-16 место на ЕП во Целје, откако денеска ја совлада селекцијата на Полска (28-26).
Жолто-црвените ја имаа контролата врз играта и резултатот во текот на сите 60 минути, а со серијата 7-2 кон средината на второто полувреме дојдоа до највисоките на мечот плус шест (26-20). Со ова беше ставен крај на надежите на противникот, по што дојде мало опуштање во нашиот состав, па конечната позитива беше намалена на „само“ два гола.
Узунчев, Митев и Калајџиоски со по четири гола беа најефикасни кај селекцијата на Македонија, додека по три погодоци постигнаа Субашевски и Карасманакис. Нашите ракометари утре ќе го одиграат вториот меч од втората фаза и тоа против Романија (12 часот), додека последниот дуел од групата ќе го одиграме против Франција (18 јули).
Разигрувањето за пласман од 9. до 16. место се игра во две групи. Двете првопласирани селекции во групите одат на плеј-оф турнир за местата од 9 до 12, додека останатите ќе се борат за пласман од 13. до 16. Оваа победа ја носи Македонија на чекор до обезбедување на една од првите две позиции, бидејќи треба да се случи големо изненадување за да нè надминат две репрезентации.