Фудбалската репрезентација на Шпанија сосема заслужено го освои трофејот на Европското првенство. Во финалето „црвената фурија“ ја совлада репрезентацијата на Англија победувајќи ја со 2-1 со головите на Нико Вилијамс и Микел Ојарзабал.
Уште во групната фаза Шпанците најавија дека се еден од главните кандидати за освојување на трофејот. И во нокаут фазата фудбалерите на Луис де ла Фуенте беа една од најдобрите селекции, а турнирот го завршија со седум победи во исто толку натпревари. Со 15 постигнати голови и само четири примени стигнаа до самиот врв.
Посебно импресивен е фактот дека патот до трофејот беше најтежок можен. Играа Шпанците во „групата на смртта“ против бранителот на тронот Италија, незгодната Хрватска и Албанија. Потоа во осминафиналето имаа нешто полесна задача иако Грузија се покажа како тврд орев. Кулминацијата стигна во четвртфиналето и дуелот со домаќинот Германија кој Шпанија го доби по продолженија, а потоа со по 2-1 ги совлада најголемите фаворити Франција и Англија.
Со таков пат трофејот добива дополнително на тежина, а во овој формат со 24 репрезентации ниту една селекција не минала слично до тронот на Европа.