Тежок ден за Калчо романтиката. Уште еден симпатичен италијански клуб згасна. Катанија довечерашниот третолигаш прогласи банкрот и ќе бидат исфрлени од Серија Ц.
Удар за италијанскиот фудбал, но особено за сицилијанскиот. Зашто, Катанија е вториот клуб од овој остров кој претходно низ историјата играл во Серија А, да прогласи банкрот за само неколку години. Пред нешто повеќе од две години, Палермо го направи истото, па беше принуден да го смени името, грбот, да добие нов регистарски број и да почне одново од аматерскиот ранг (моментално има добри шанси да се врати во Серија Б). Истиот пат го чека сега и тимот на Катанија.
„Со голема болка морам да потврдам дека клубот прогласи банкрот и не може да продолжи да се натпреварува во Серија Ц. Ова е ситуација со која како претседател на Лигата никогаш не сакав да се соочам. Во оваа завршна фаза беа претставени некои сосема бесмислени предлози кои доведоа до најнепријатни заклучоци“, изјави претседателот на Серија Ц, Франческо Гирели.
Да потсетиме, Катанија прогласи банкрот во декември, но и беше дозволено да продолжи да се натпреварува во Серија Ц откако клубот беше ставен на аукција. Сепак, купувачот во меѓувреме не се појави, што значеше крај за популарните Слонови.
Со ова Судот на Етна стави крај на агонијата која почна многу години порано поради финансиски тешкотии. Катанија последен пат учествуваше во Серија А во сезоната 2013/14, а само една сезона подоцна беше исфрлена од Серија Б поради местење натпревари. Оттогаш таа играше исклучиво во третиот ранг на италијанскиот фудбал.
Иако веќе нема да постои, барем не под истото име, ќе се пишува дека Катанија помина 17 сезони во Серија А, а ќе останат запаметени имињата како Папу Гомез, Никола Легротаље, Џузепе Маскара, Маријано Изко, Макси Гомез како некои од најдобрите играчи за потсетување на најсветлите времиња во историјата на сицилијанскиот клуб.
Слоновите една сезона од клупата ги водеше и Синиша Михајловиќ, додека Диего Симеоне тренерската кариера во Европа ја започна на стадионот Анџело Масимино. Сето тоа од денеска и официјално заминува во историјата.