Поранешниот прв човек на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, кој од овој клуб направи балканско фудбалско чудо, редовен учесник во завршниците на ЛШ и Лига Европа и машина за правење пари од продажба на фудбалери, изјави дека дефинитивно се повлекува од клубот, хрватската репрезентација, но и фудбалот во целост.
Контроверзниот бизнисмен одлуката ја донел набрзо по смртта на легендарниот Мирослав Чиро Блажевиќ.
„Денеска се збогувам од Динамо и од хрватскиот фудбал, а да не беше смртта на Чиро Блажевиќ ќе одржев и специјална конференција за новинарите. Емотивно никогаш нема да се откажам од Динамо, кој е мојот живот, но што се однесува до мојата работа и учеството во било какво раководство, тоа е апсолутно минато. Може да се каже дека секаков мој ангажман во Динамо е завршен. И не се збогувам само со Динамо, туку и со фудбал воопшто. Ќе бидам само навивач. Моето пензионирање од фудбалот е конечно. Без разлика што мојата ситуација е специфична и што сум во БиХ последниве пет години, пак можев многу да му помогнам на Динамо и на хрватскиот фудбал. Но, некои луѓе кои ги создадов мислат дека се многу подобри од мене, дека не им требам, па зошто да се туркам таму. Никому не му забележувам ништо, а не се чувствувам предаден. Меѓутоа, не сакам да учествувам повеќе во никакви активности во Динамо и во хрватскиот фудбал“, изјави Мамиќ.
Здравко Мамиќ и неговиот брат Зоран, кој во негово владеење беше тренер на клубот, во Хрватска се правосилно осудени на шест и пол односно четири години затвор поради финансиски малверзации поврзани со Динамо. Двајцата од 2018 година живеат во БиХ од каде што не можат да биде екстрадирани во матичната држава.