Прераната смрт на Синиша Михајловиќ придонесе речиси сите светски медиуми да информираат за многу работи поврзани за неговиот живот, меѓу кои се и повторувањата на неговите изјави особено за војната во Хрватска, со оглед што е роден во Вуковар во мешано семејство.
Во големото интервју за „Газето дело спорт“, Синиша своевремено откри како граѓанската војна ги променила односите во неговото семејство, со оглед што неговата мајка била Хрватка, а татко му Србин. Приказната за неговиот вујко е највпечатлива.
„Сите војни се одвратни, но тие помеѓу браќа кои ги преживеавме ние во поранешна СФР Југославија се нешто најлошо што може да се случи. Пријатели кои пукаат едни на други, скршени семејства. Гледав како мојот народ паѓа, како градовите се уништени, а сите убиени. Мојот најдобар пријател ми го уништи домот, а мојот вујко, брат на мојата мајка инаку Хрват, сакаше да го убие мојот татко со зборовите: “Ќе те заколам како свиња“, изјави Михајловиќ.
Токму неговиот број на телефон во мобилниот на вујко му подоцна ќе му го спаси животот.
„Вујко ми подоцна го пронајде Аркан и трeбало да го убијат, но во неговиот мобилен го пронашлe мојот број на телефон и тоа го спасило. Сето тоа беше лудо. Но, мора да минат барем две генерации за трезвено да се разгледа што всушност се случувало. Факт е дека сите загубија. Но, тоа што го кажувам јас може да го кажат и Хрватите и Босанците. Од прва рака го преживеавме лудилото на историјата“, дополни Синиша.
Михајловиќ почина денеска на 53-годишна возраст по долга битка со леукемија.