Фудбалската репрезентација на Велс после Светското првенство во Катар, на кое ќе учествува првпат после повеќе од пола век, ќе го смени името објави „ББЦ“ и на следниот голем турнир на кој ќе играат Велшаните ќе се викаат – Камри (Cymru).
Камри е традиционално име на Велс на велшкиот јазик и име кое оваа држава во составот на Велика Британија го користи во службената комуникација и документите.
Првиот човек на велшката ФА, Ноел Муни објави дека желбата за промена на името е да се направи чекор понапред.
„Репрезентацијата треба да се вика Камри, зашто ние така ја викаме. Така ги викаме сите наши репрезентации тука во Велс. Ако ја погледнете нашата страница на интернет, на сите сме Камри. На меѓународен план сè уште имаме работа. Но, гледате како Азербејџан и Турција го користат својот јазик. Така и ние сакаме да постигнеме препород на велшкиот јазик и зголемување на националната гордост, односно истакнување на нашата култура и наследството“, рече Муни.
Велс на СП во Катар е во група со Англија, САД и Иран. Ова е втор настап на Велс на Светските првенства по тоа во 1958 година.