Менаџерот на Манчестер сити Пеп Гвардиола пред утрешниот меч со Реал Мадрид во првото полуфинале во Лигата на шампионите, изјави дека „кралевите“ не стигнале до најдобрите четири на среќа, туку на исклучителен квалитет кој го имаат во своите редови.

Најтрофејниот клуб Реал Мадрид на патот кон полуфиналето урна два големи кандидати за титулата, ѕвездениот Пари Сен Жермен и актуелниот европски првак Челзи, мечеви на кои блескаше Карим Бензема, кој ќе биде главна опасност и за актуелниот англиски првак.

„Се лажете ако мислите дека Реал има среќа,  а тоа што има е само – исклучителен квалитет. Многу работи ми се допаѓаат кај Реал, од секогаш ми се допаѓал нивниот стил, игра, уште од играчките денови,многу силни и моќни тимови не се тука, а Реал е втора година по ред во полуфинале,тоа кажува сѐ. ЛШ бара многу, пред сѐ квалитет и против Реал не може да се натпреваруваме во историја, гледаме напред и како да успееме да ги победиме. За Реал кажуваат резултатите, а самиот факт дека имаат искуство доволно говори со каков предизвик се соочуваме“, вели Гвардиола.

Манчестер сити и Реал Мадрид пред две години се судрија во осминафиналето во ЛШ.

„Може да замислите колку убаво се чувствуваме кога вторпат по ред играме полуфинале, дека сме на највисокото ниво, дека сме во друштво на најдобрите во Европа. Во 2020 беа израмнети мечеви, очекувам исто и сега, план е да одиграме два извонредни меча и да се пласираме во финале. Но, Реал заслужува секаков респект, свесни сме колку добар клуб се и ако сакаме финале не смее ни на најмала ситница да ги потцениме“, додава Пеп.