Српскиот напаѓач Александар Митровиќ очекувано ја доби наградата за најдобар играч Чемпионшип дивизијата, втора по ранг во англискиот фудбал. 27-годишниот центарфор одигра 41 натпревар и постигна исто толку голови. Со неверојатна статистика го врати Фулам во елитната класа и култниот лондонски клуб од следната сезона ќе игра во Премиер Лигата.
“Тоа беше одлична сезона на личен план. Како напаѓач се трудите да постигнете што повеќе голови. Секогаш сакате повеќе и повеќе. Остануваат уште неколку натпревари, ќе видиме каде ќе застанам”, изјави Митровиќ. додавајќи: „Откако дојде новиот тренер, создадовме свој стил кој многу ми одговара. Како и другите, тој го извлекува максимумот од секој играч. По минатата сезона во Премиер лигата, беше тешко да продолжиме бидејќи не бевме на добро ментално ниво“.
На Митровиќ му недостигаат уште два гола за да го собори рекордот на англискиот лигашки систем од реформата што се случи во 1992 година, по која се роди Премиер лигата каква што ја знаеме денес. Митровиќ во целиот досегашен дел од кариерата има постигнато 204 гола на 475 настапи.