Напаѓачот на Барселона, Серхио Агуеро вчера итно беше пренесен во болница, откако се пожали на болки во градите и вртоглавица за време на синоќешниот прволигашки натпревар против Алавес (1-1) на домашен терен.
– Серхио Агуеро чувствуваше болки во градите во поголемиот дел од натпреварот во првото полувреме и пренесен е во болница на кардиолошки испитувања, соопшти Барселона.
Аргентинскиот напаѓач беше заменет со Филипе Кутињо во 41 минута.
Претходно Агуеро неколку пати сигнализираше кон клупата на Барселона да биде заменет, а кратко потоа фудбалерот легна на тревата држејќи се со рацете во пределот на градите.
По интервенција на медицинскиот тим, 33-годишниот фудбалер се подигна на нозете и без лекарска асистенција го напушти теренот.
Она што денес пристигна како информација е дека Агуеро има срцева аритмија. Докторите му препорачаа да мирува одреден период и сигурно е јасно дека ќе го пропушти дуелот од Лигата на шампионите со Динамо Киев кој е закажан за вторник.