Ерлинг Халанд даде нов гол, дојде до 21 на контото со осум гола повеќе одошто цел тим на Евертон има дадено досега во Премиерлигата.Сепак тоа не беше доволно за првакот Манчестер сити да запише нова победа, па „карамелите“ ги лизнаа „граѓаните“ со ремито 1-1 во денешното новогодишно 18-то коло.
Демараи Греј од единствениот директен шут во рамките на голот на Сити, даде гол за реми за Евертон, па залудна остана тоталната доминација на првакот, дури и 13-минутното надополнување на крајот, како и водството со голот на Халанд по 24 минути игра, кога на крајот дојдоа само до бод.
Сити сега му остави шанса на Арсенал дополнително да избега, ако победи во последниот денешен меч на гостувањето кај Брајтон. За Халанд ова беше 21 гол во 15 меча сезонава.
Сити со ремито има 36 бода, четири помалку со меч повеќе од лидерот Арсенал, ама и Њукасл не успеа да се израмни со шампионот, откако на својот „Сент Џејмс Парк“ одигра реми без голови со Лидс. Црно-белите останаа на минус два од „граѓаните“ со 34 бода на контото.
Фулам со 2-1 и промашен пенал во судиското надополнување дојде до седма победа против фенерџијата Саутемптон, па лондонскиот премиерлигаш сега со 25 бода е седмопласиран. Победи и Кристал Палас со 2-0 на гостувањето кај Бормут.