Арсенал со седум бода предност ќе влезе во новата 2023 година, после вечерашната убедлива победа со 4-2 на гости кај Брајтон во 18-то коло во Премиерлигата. Топџиите од Хајбери максимално го искористија попладневниот кикс на првакот Манчестер сити, кој дома ремизираше 1-1 со Евертон.
Арсенал дојде до 14-та победа во 16-те досегашни мечеви, а триумфот го најави за безмалку 40-на минути , откако набрзина Букајо Сака во втората и Мартин Одегард во 39-та погодија за големи 2-0 на полувреме, а само што почна вториот дел, по две минути (47.), Еди Нкетиа даде и трет гол за да стане јасно кој ќе победи.
Каору Митома во 65-та го даде првиот гол за Брајтон, па следеше четврти за „топчиите“ преку Габриел Мартинели шест минути потоа. Домаќините на 13 минути пред крајот и вторпат погодија во мрежата на лондончани, овојпат Еван Фергусон беше стрелец. До крајот Митома даде и втор гол на минута пред крајот, но беше поништен поради офсајд.
Арсенал има 43 бода на лидерското место, Сити е втор со 36, Њукасл на третото место со 34, а Манчестер јунајтед е четврти со 32. Брајтон со шестиот пораз сезонава остана на 24 бода на осмото место на табелата.