Алжир загуби од Камерун во најдраматичниот натпревар од квалификациите за Светското првенство. Алжирците славеа со 1:0 како гости во првиот натпревар, но Камерунците возвратија и го добија натпреварот по 90 минути со 1:0 (со голот на Чупo-Мотинг во 22. минута).
Во продолженијата немаше голови до 118. минута кога на стадионот настана делириум поради голот на Тубе. Секунди го делеа Алжир од настап на Мундијалот, но шокот дојде во 124. минута кога Токо-Екамби погоди за гостинска победа од 2:1 и пласман на Камерун на Мундијалот.
Два дена по натпреварот, Алжирците решија да побараат од ФИФА да го повтори натпреварот. Тие тврдат дека биле ограбени и дека судијата имал низа грешки кои го одредиле победникот.
„Го кажувам ова без страв: Овие судии не ја почитуваат нашата земја. Не барам изговори, но тоа што судиите му го прават на Алжир е неверојатно. Доволно беше да се види колку време нивниот голман ја чуваше топката и беше казнет само на крајот на мечот. Ова е неподносливо“, изјави тренерот Џамел Белмади кој наводно го нападнал судијата кога го видел на аеродромот по натпреварот.
Алжирските медиуми пишуваат дека на тревникот се случила голема кражба, но не веруваат дека поради тоа натпреварот ќе се повтори. Тие наведуваат пример кога Франција ја исфрли Ирска во 2010 година откако играше со рака на Тиери Анри, но мечот не се повтори.