Ракометарите на Македонија до 20 години ја совладаа Романија (26-31) и се на чекор до обезбедување на една од првите две позиции во групата за пласман од 9. до 16. место на Европското првенство. Избраниците на Раде Стојановиќ го продолжија одличниот настап на турнирот, на кој и натаму се без пораз.
На стартот македонските ракометари имаа предност од два гола. Романците се консолидираа и го презедоа водството. Со мини-серија од 4-1 нашите ракометни надежи се вратија до егал, а до полувремето ги презедоа работите во свои раце.
Македонија одигра перфектно второ полувреме. Клучен исчекор кон победата избраниците на Стојановиќ направија со серијата од 6-0, со која од 17-17 дојдоа до 17-23. Во продолжението водевме во два наврати и со максимални девет разлика, а после малото опуштање на крајот Романците го намалија водството (26-31). Со шест голови најефикасен играч беше Узунчев, додека еден помалку даде Карасманакис. Иван Галевски имаше нова МВП партија, па со осум интервенции во клучни моменти беше еден од главните играчи во нашиот триумф.
Македонските ракометари се први во групата И со четири бодови, по што следи Франција со два, а Полска и Романија немаат бодови. Со пласман во следната фаза, Македонија ќе разигрува за позициите од деветто до 12. место.
Македонија на ова Европско првенство не знае за пораз, има три победи и две нерешени средби, меѓутоа поради променетиот систем на ЕХФ не се бори за медал, туку за позиции. Само чудо може да ја остави Македонија без место во полуфиналето и битка за пласман од 9. до 12. место. За два дена нашите ракометари ќе го играат дербито на групата против Франција.