Практично нема репрезентација што не е засегната од позитивните тестови за коронавирус. Хрватска досега даваше отпор, но на последниот тест позитивни беа и двајца хрватски репрезентативци.
Иако подготовките на хрватската машка сениорска репрезентација за Купот на Хрватска и Европското првенство се одвиваат со најстроги епидемиолошки мерки, коронавирусот, за жал, како и многу други репрезентации и клубови, се проби и во нивните редови.
Утринава ПЦР тестовите кои се дел од заложбата кон Европската ракометна федерација пред доаѓањето на натпреварувањето, покажаа дека двајца хрватски ракометари се позитивни. Тоа се Домагој Дувњак и Лука Циндриќ. Засега се чувствуваат добро и имаат поблаги симптоми. Секако, според пропишаниот протокол, тие се ставени во изолација. Сите останати играчи и членови на стручниот штаб се негативни и продолжуваат со редовни тренинзи. За секој случај, утре наутро, на 5 јануари, сите повторно ќе направат ПЦР тестирање, се вели во соопштението на Сојузот.
Многу лоши вести за Хрватска која остана без двајцата клучни играчи Дувњак и Циндриќ кои ќе ги пропуштат подготовките, а од негативните тестови ќе зависи кога воопшто ќе се вратат.
Засега нема информации за откажување на Купот на Хрватска, што е можно со оглед на тоа што и други репрезентации со позитивни случаи ги откажаа подготвителните натпревари пред да одат на ЕП.
До првата средба со Франција остануваат уште само девет дена, а Хрватска претрпе многу тежок удар во клучниот подготвителен период.