Репрезентацијата на Шпанија го освои Европското првенство во Германија откако во финалето ја совлада Англија со 2:1, а еден од фудбалерите кои најмогу се истакнаа беше супер талентираниот тинејџер Ламин Јамал.
Младиот Шпанец зад себе има одлично првенство во кое на крајот беше прогласен и за најдобар млад играч. Јамал сруши неколку рекорди, a исто така го има и најубавиот гол на турнирот.
Голот на Јамал против Франција во полуфиналето за израмнување на 1:1 е избран за најубав на првенството и ова е нешто кое можеше да се очекува. Јамал постигна прекрасен гол, имаше убави голови и во групната фаза, меѓутоа во изборот пресуди и важноста на натпреварот.
Како што соопшти УЕФА, голот на шпанскиот тинејџер против Франција од 25 метри е најатрактивен на шампионатот, а потоа следат „ножичките“ на Џуд Белингeм против Словачка, ремек-делото на Швајцарецот Џердан Шаќири против Шкотска, па на Романецот Николае Станчиу против Украина и на турскиот ас Арда Ѓулер против Грузија.
Најубавите десет голови на првенството ги комплетираат: Турчинот Мерт Мулдур против Грузија, Шпанецот Фабијан Руиз против Хрватска, Англичанецот Оли Воткинс против Холандија, Италијанецот Матија Закањи против Хрватска и Холанѓанецот Чави Симонс против Англија.
Инаку, Ламин Јамал одигра фантастичен турнир во Германија и заслужено беше избран за најдобар млад фудбалер на Европското првенство.