Руд Ван Нистелрој во третиот меч ја забележа втората победа како привремен тренер на Манчестер јунајтед, овојпат во Европа.
Манчестер Јунајтед во вториот дел го скрши отпорот на ПАОК и славеше со 2-0 (0-0) на својот „Олд Трафорд“. Домаќините настапија со силен состав, но немаа решение од стартот како да го разбијат ривалот. Во вториот дел на сцена стапи младиот Амад Диало кој со головите во 50. и 77. минута донесе победа за „ѓаволите“.
Најубедлив вечерва беше Ајакс кој со 5-0 го совлада Макаби Тел Авив. Холанѓаните уште во првиот дел преку Траоре, Тејлор и Годтс водеа со три разлика. Во продолжението Броби и Фиц-Џим ја комплетираа „петардата“.
Возбудливо беше на мечот меѓу АЗ Алкмар и Фенербахче каде домаќините победија со 3-1.
Сите најважни моменти се случија во последниот половина час од играта. АЗ Алкамр во 59. минута поведе со 1-0 со гол на Дал, а веднаш потоа Ен Несири промаши пенал за израмнување.
Сепак тој даде гол во 70. минута за 1-1. Но, само пет минути подоцна Смит го врати водството на АЗ, а Касиус на три минути пред крајот реализираше за конечни 3-1.
Луда драма имаше на мечот меѓу Хофенхајм и Лион кој заврши 2-2.
Германците поведоа со гол на Гендреј на почетокот од вториот дел, а Лион изедначи во 66. минута со погодок на Абнер.
Во 94. минута Лаказет даде гол за комплетен пресврт и во тие моменти се чинеше дека Лион ќе победи, но во следната акција Хофенхајм даде гол преку Тохумчи за конечни 2-2.
Лацио со 2-1 го совлада Порто, Ференцварош со 4-0 славеше над Динамо Киев, Реал Сосиедад со 2-1 загуби кај Викторија Плзен, а РФС и Андерлехт одиграа 1-1.