Бразилецот Родриго е херојот на Реал Мадрид, кој со два гола му го донесе првиот куп-трофеј на „кралскиот клуб“ по пауза од девет години, откако вечерва во финалето во Севилја ја донесе победата за триумф со 2-1 против Осасуна.
Реал Мадрид го освои првиот трофеј по 2014 година и за „кралевите“ ова е 20-ти пехар во историјата во 40-то финале, додека Осасуна вторпат губи натпревар за пехарот по финалето во 2005 година, кога Бетис ги победи со 2-1.
Родриго после само две минути погоди за водство на асистенција на Винисиус Жуниор по еден извонреден продор во казнениот простор, а потоа во 70-та ја врати предноста за да ја обезбеди победата повторно по акција на Винисиус, со рутинска завршница, откако Лукас Торо во 58-та минута израмни на мечот.
За Реал Мадрид ова е прв сезонски трофеј и сега може „кралевите“ да се сконцентрираат на двомечот со Манчестер сити во полуфиналето во ЛШ, каде ја бранат европската титула, откако битката за шампионскиот трон со Барселона веќе ја загубија и идниот викенд Каталонците со бод ќе заверат нова круна во шпанска Примера.