На „Стемфорд Бриџ“ посакуваа англискиот репрезентативец Џуд Белингем од Борусија Дортмунд да го засили средниот ред, сепак лондонски Челзи има два други приоритети за засилувања, по можност уште во јануари, најавуваат англиските медиуми.
Челзи се откажал од Белингем, откако дознале дека желба на Англичанецот е да оди во Реал Мадрид, па затоа сега главен приоритет ќе биде ангажманот на Деклан Рајс, исто така англиски репрезентативец од средниот ред и член на градскиот ривал Вест Хем, како и на извонредниот офанзивец на Ред Бул Лајпциг, Кристофер Нкунку.
Рајс беше желба на Манчестер јунајтед, но „чеканите“ бараа 100 милиони евра, а и Нкунку нема да биде евтин, зашто под 80 милиони евра Германците не ни разговараат за продажба. Англискиот репрезентативец е приоритет и зашто виси останувањето на Нголо Канте и на Жоржињо, чии договори истекуваат на лето.