Сако Фофана и Луис Опенда го урнаа поранешниот француски првак Олимпик Марсеј, па Ланс го однесоа на второто место на табелата со триумфот со 2-1, на само три бода од лидерот и актуелен првак Пари Сен Жермен со што останаа во трката за титулата со скапоплатените „светци“ по денешното дерби во Лига 1.

Ланс дојде до 21-та победа и 72 бода на контото, сега два пред Марсеј, а само три зад ПСЖ, кој утре гостува кај Троа и последните четири кола ќе бидат решавачки, во кои Ланс ќе се надева на нови киксови на парижаните, каде атмосферата дополнително е разнишана после големите протести на навивачите и комплетниот циркус со Лионел Меси.

Три минути пред полувремето Фофана погоди на асистенција на Дансо, откако ВАР на Марсеј му поништи гол уште во осмата минута кој го даде Алексис Санчез, но беше досуден прекршок во напад. Опенда по еден час игра ја дуплираше предноста по асистенцијата на Франковски, па практично го реши натпреварот.

 

Во самата завршница, задоцнет кам-бек во дуелот имаше Марсеј, кој преку Димитри Паје на две минути пред крајот намали, но во дополнителното време не успеа да се избори да остане непоразен. Со овој пораз Марсеј е сѐ подалеку од шансите за титулата, кои и онака беа мали, но достижни.