ЛА Лејкерс повторно го презеде водството во полуфиналната плејоф-серија во Западната конференција, откако лесно и убедливо го добија третиот меч со 127-97, со што се најдоа на два чекори до пласман во конференциското финале.
Актуелниот шампион беше конкурентен само во првото полувреме, со оглед што на почетокот на втората четвртина имаа и двоцифрена предност (40-29), но потоа следуваше серија 22-2 на „езерџиите“ со која направија целосен резултатски пресврт (51-42) и дојдоа до водство кое го одржаа до самиот крај. Најзаслужен за успехот на домашниот тим беше Ентони Дејвис со 25 поени и 13 скока, додека Леброн Џејмс средбата ја заврши со 21 поен и по осум скока и асистенции со напомена дека првпат во кариерата немаше ниту еден шут од поле во првата четвртина. Стеф Кари со 23 поени беше прв стрелец во поразената екипа.
Победа за ново водство во серијата остварија и кошаркарите на Мајами хит, кои предводени со повратникот во тимот, Џими Батлер, лесно и убедливо го добија третиот меч од серијата со Њујорк никс (105-86). Добар податок за Лејкерс и за „жешките“ е што во историјата на НБА, тимот што го добил третиот меч при резултат 1-1 на крајот ја добил серијата во 73,3-отсто случаи, а за Голден стејт и Њујорк четвртиот меч е клучен бидејќи после негатива од 1-3 во победи, само 4,7 отсто од екипите успеале да направат пресврт во 4-3.
Еден обложувач во САД, уплатил 100 долари дека Лејкерс ќе победи со 31 или повеќе поени разлика и можната добивка му беше 3.400 долари. Лејкерс водеше со 32 разлика, а во последниот напад Куминга од Голден стејт даде неважен кош за минус 30 и тоа беше хорор за обложувачот.